• четврток, 26 март 2026

Затуроски од Регулаторната комисија за домување за МИА: Приоритет категоризација на становите и станбените згради 

Затуроски од Регулаторната комисија за домување за МИА: Приоритет категоризација на становите и станбените згради 

Скопје, 24 март 2026 (МИА)

Лидија ВЕЛКОВСКА

 Регулаторната комисија за домување (РКД) месечно во просек прима, решава и упатува одговори за околу 50 предмети. Најчесто за спорови меѓу закупците, закуподавачите, управителите, претседателите на заедниците на сопственици, сопствениците на посебните делови и трети лица во областа на домувањето, сомнеж во работењето на управители или претседател на заедница на сопственици...

Во услови кога на пазарот има се повеќе нови станови, а работата на терен ја контролираат 20 општински инспектори за домување, исчекор во обезбедување квалитетно домување се очекува со целосна примена на Законот за домување кој минатата година претрпе измени. 

Новиот претседател на Регулаторната комисија за домување Никола Затуроски за МИА изјави дека максимално ќе се залага за примена на одредбите од Законот за домување за што вели дека има зголемен интерес и од граѓаните кои увиделе дека преку него се овозможува домување согласно современите стандарди за квалитетен живот. 

Приоритет во мандатот на Затуроски ќе биде започнување со примена на категоризација на становите и станбените згради која, како што истакнува, се врши со цел обезбедување и заштита на конкурентен пазар, a треба да биде задолжителна при купопродажба на становите. 

 

- Категоризацијата на становите и станбените згради согласно одредбите од Законот за домување треба да ја врши Регулаторната комисија за домување, по поднесено барање од сопственикот на стан, закупецот на стан или друго лице кое има овластување дадено од страна на сопственикот на станот, претседателот на заедница на сопственици, односно управителот со кое е приложена и пресметка за вредноста на станот изработена од страна на овластен проценител. Но, ќе напоменам дека за отпочнување со примена на категоризацијата потребна ќе биде поддршка и од други институции во државава, обезбедување финансиски средства и човечки ресурси - изјави Затуроски.

Според Законот за домување, критериумите и методологијата за категоризација на становите и станбените згради ги пропишува Владата. За извршената категоризација на становите и станбените згради Регулаторната комисија за домување издава уверение за кое се плаќа надомест. Процената за вредноста на станот ја врши овластен проценувач по барање на сопственикот на станот, закупецот на станот, претседателот на заедницата на сопственици, односно управителот.

Затуроски вели дека бројот на регистрирани заедници на сопственици и на станбени згради кои донеле одлука за избор на лиценциран управител е во постојан пораст. Но, укажува, отсуството на инспектори за домување, како и неводењето  регистри на станбени згради и станови и регистри на управители на станбени згради од страна на општините, ја отежнува работата на лиценцираните управители, како и функционирањето на регистрираните заедници на сопственици. 

Претседателот на РКД смета дека со последните законски решенија во домувањето значително се зголемила правната сигурност во областа на управувањето со заедничките делови од зградите, како и квалитетот на заедничкото домување. Исто така, како што вели тој, измените и дополнувањата на Законот овозможиле да се надминат бројните проблеми и тешкотии со кои граѓаните се соочуваат секојдневно, со што, значително ќе се подобри квалитетот и ќе се унапредат стандардите во заедничкото живеење во интерес на граѓаните, општините и државата.

Регулаторната комисија за домување минатиот месец до општините доставила предлог мерка за спроведување на Законот за домување во делот на општинските надлежности со којашто укажала дека за целосно и непречено спроведување на Законот покрај назначување инспектор за домување согласно член 116, потребно е општината да воспостави регистар на станбени згради и станови и регистар на управители на станбени згради согласно член 112. 

Комисијата повторно ја истакнала потребата од општинските инспектори за домување во секоја општина. Инспекторите за домување имаат обврска да вршат надзор над станбени, станбено-деловни и деловно-станбените згради, дали управувањето со нив се врши согласно со одредбите од Законот за домување и прописите донесени врз основа на тој закон, дали се почитуваат пропишаните норми и стандардите за домување, дали управителот продолжува да ги исполнува условите врз основа на кои му е издадена лиценцата и дали се законски уредени закупничките односи. Комисијата укажала и дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за домување предвидена е глоба на службеното лице во општината, односно општините во градот Скопје, ако не води регистар на станбени згради и станови, како и регистар на управители на станбени згради од членот 112 на овој закон, како и глоба за одговорното лице во општината, односно општините во Градот Скопје, ако не назначи овластен инспектор за домување од членот 116.

- Регулаторната комисија за домување  работи на тоа да се зголеми соработката со општините и максимално да им се помогне како и да се разјаснат сите нејаснотии во врска со имплементирањето на Законот за домување. Исто така на општинските инспектори за домување да им се појасни улогата и надлежностите кои ги имаат согласно Законот за домување. Од соработката со општините располагаме со податоци дека во државава има вкупно 20 општински инспектори за домување, истакнува Затуроски. 

Тој уверува дека за секој пристигнат предмет до Регулаторната комисија за домување е постапено во законски рок. Комисијата, појаснува, посредува во споровите кои што се настанати, а доколку не се во нејзина надлежност дава предлог мерки за надминување на проблемите до надлежните органи или ги упатува сопствениците на посебни делови каде да се обратат. Месечно во просек прима, разрешува и упатува по околу 50 предмети од кои дел се преку архива, а дел се одговори по електронски пат. За сите РКД на седници расправа и донесува заклучоци и одлуки со разрешница.

- Предметите кои се доставуваат до Комисијата најчесто се однесуваат на спорови што настануваат меѓу закупците, закуподавачите, управителите, претседателите на заедниците на сопственици, сопствениците на посебните делови и трети лица во областа на домувањето, сомнеж во работењето на управителите или претседател на заедница на сопственици и слично - изјави Затуроски. 

Регулаторната комисија за домување минатата година издала две лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради, продолжила пет,  одзела четири,  вратила три лиценци, а на исто толку лиценци им изминал рокот на важење.

Затуроски укажува дека бројот на склучени договори со лиценцирани управители е многу варијабилен и подлежи на промени. Легитимно право, појаснува, е на сопствениците да донесат одлука со мнозинство гласови за раскинување на веќе склучените договори и да изберат нов управител или пак да си регистрираат заедница на сопственици. Исто така и лиценцираните управители имаат право навремено и во законски определен рок да ги раскинат договорите за управувачки услуги ако сметаат дека не можат да ги исполнат договорените обврски.

Одделението за урбанизам на Општина Кочани регистрирало зголемен интерес за градење објекти во првата половина од оваа година и издало вкупно 36 одобренија за градба, што е за над 70 отсто по

Регулаторната комисија за домување, во период од 2010 година до декември 2025 година има издадено 137 лиценци за управител за вршење на дејностите на управување состанбени згради, од кои 63 правни лице активно ја вршат дејноста, на 37 им е одземена поради неисполнување услови врз основа на кои им е издадена, 21 лиценца вратиле,  на 15 изминал рокот за поседување лиценца, а едно правно лице е во ликвидација. 

Според последните податоци на РКД,  вкупно 8.053 станбени згради се управувани од страна на управител или на заедница на сопственици. Со лиценцирани управители  се 5.600 објекти, со договори за вршење управувачки услуги со вкупно 135.338  посебни делови, односно станови и деловни простории. Податоците од Централниот регистар, пак, покажуваат дека до средината на декември минатата година има 2.453 активни регистрирани Заедници на сопственици. 

Во Регистарот на цени и закупнини, во периодот од октомври до декември 2025 година, на целата територија на државава регистрирани се 1.004 новоизградени станови, а во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 27.522 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.  Податоците на Народната банка покажуваат дека во четвртиот квартал лани становите поскапеле за 25 проценти на годишно ниво. лв/паг/

Фото: МИА архива, РДК

 

Остани поврзан